Доскорешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, на барање на родителите на убиените момчиња кај Смилковско езеро во април 2012 година, сведочи на денешното рочиште за „Монструм” во Кривичниот суд.
Заев кажа дека сите материјали кои ги поседувале во СДСМ и во кои имал увид како претсетел на партијата, биле предадени во СЈО на крајот на 2015 година.
-Дел од тие разговори ги имав слушано и ги споделив со јавноста, но тоа беше сосема мал дел, одговори Заев првин на прашање на судијата Огнен Ставрев.
На прашање на обвинителката Фатиме Фетаи, кој вршел проценки што е важно во еден прислушуван разговор за овој трагичен настан, Заев кажа дека преслушувањето на снимките го вршел лично тој и одлуките исто така.
Кажа дека од самиот увид на материјалите се гледа дека нема целосно континуитет, односно луѓето кои биле вработени во МВР не можеле секогаш да земаат копии од тие материјали и да ги достават до тогашната опозициска СДСМ.
Заев потврди дека неколкупати се сретнал со роднини на убиените момчиња, кои сакале да добијат повеќе информации од „бомбите”.
На една од средбите, дел од родителите изразиле сомневање дека правосудниот систем крие од нив информации и докази. Тој им презентирал аудио материјали кои ги побарале, без да им даде копија.
-Се работеше за околу пет комуникации на тогаш осудени лица, каде едниот од соговорниците беше сокриен од страна на судот или обвинителството, заради службена тајна. Не знаев дали се нелегални разговори, или комуникација од посебни истражни мерки. За вторите, бев советуван дека постои можност кривично да се одговара ако јавно се објават ПИ-мерки кои се службена тајна, рече Заев.
За тоа што јавно не ги објавил материјалите, Заев рече дека единствена причина била што сметал дека не постои целовитост за создавање целосна слика, и затоа на крајот решил, се што поседува, да не биде објавено, туку дека да биде доставено до СЈО, за тие да ги употребат за докажување на вистината за „Монструм” пред судот.
Заев кажа дека во 2015 година кога на дневна основа ги преслушувал разговорите, можно е да ветил дека ќе ги објави јавно сите прислушувани разговори за „Монструм“.
„Сите разговори што сте ги предале господине Заев, ние ги предадовме во Основниот суд Скопје 1“, рече Фетаи.
Претходно, во судницата беше пуштена снимка од собраниска седница, на која Заев зборува за случајот „Монструм” како одговор на прашање од пратеникот Зоран Илиоски.
Заради промена на судечкиот совет, судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, минатиот месец беше вратено од почеток, но само формално со пренесување на сите досегашни изјави и изведени докази во новиот записник, со што расправата продолжи од каде што претходно застана.
Случајот „Монструм” го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм” го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење