Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев заедно со амбасадорите на земјите чии полицајци учествуваат во заедничките операции на јужната граница денеска ги посетија граничниот премин Богородица и привремениот транзитен центар Гевгелија.
На средбата со раководството на граничниот премин Богородица министерот Чулев беше запознаен со состојбата со илегалната миграција и статистиката поврзана со криумчарењето мигранти.
„Во моментов на нашата јужна граница, заклучно со 1 февруари, има 141 странски полициски службеници распоредени по полициските станици за гранични проверки Богородица, Стар Дојран и Меџитлија“, информираат од МВР.
При посетата на транзитниот центар Гевгелија, министерот се запозна со моменталната состојба во која тој се наоѓа, за состојбата со илегалната миграција, како и со начинот на кој функционираат заедничките операции на јужната граница.
„Со сигурност можам да информирам дека безбедносната ситуација на јужната граница е стабилна. Меѓутоа, секое нагло нарушување на состојбата и појава на ненадеен и брз прилив на голем број на мигранти значително ќе ги оптовари постоечките капацитети за управување со миграциите“, истакна Чулев во своето обраќање.
Во борбата со овој феномен, покрај нашите полицајци, голем придонес дадоа и полициски службеници од Австрија, Чешка, Словачка, Унгарија, Полска, Словенија, Хрватска и Србија кои земаат активно учество во заедничките операции на границата, што како проект е продолжен до 31. август годинава.