За сите мигранти кои немаат право на азил во Грција, грчката Влада има за цел да воспостави седмични враќања во Турција и зголемување на бројот на оние кои што се враќаат.
Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис во интервјуто за грчкиот весник „Катимерини”, говори за владината политика за справување со бегалското/ мигрантското прашање, истакнувајќи дека освен враќањата во Турција, целта е и да се намалат брановите, јави дописничката на МИА од Атина.
-Акцентот го ставаме на зголемувањето на враќањата, во втората половина на јануари веќе беа организирани три враќање на мигрантите во Турција. Целта е да се воспостават седмични враќања и се разбира, да се зголеми бројот на оние кои што се враќаат. Паралелно ќе го потенцираме директното враќање во земјите на потекло, во соработка со ЕУ и меѓународни организации, вели Митаракис.
Тој објаснува дека основната цел е Грција да не е главната рута за криумчарите.
-За ова е потребно чување на границите и враќање на оние кои немаат право на меѓународна заштита. И за двете, потребна е европска помош, објаснува министерот за миграција и азил на Грција.
Во однос на новиот план на владата да постави пловен заштитен систем во морето, Митаракис вели дека е “силна порака на политиката за намалување на брановите”.