– Албанскиот премиер Еди Рама испрати писмо со сочувство до неговиот кинески колега Ли Кечијанг, за животите изгубени како последица од коронавирусот.
Во писмото Рама вели дека со посебно внимание ги следи случувањата во Кина по појавата на смртоносниот вирус.
„Дозволете ми да ја изразам солидарноста на Албанија со кинескиот народ во однос на коронавирусот што го погоди градот Вухан. Изразувам длабоко сочувство за сите изгубени животи и посакувам брзо закрепнување за сите погодени. Ги следам најновите случувања и посакувам кинеската влада и кинескиот народ да ја надминат оваа состојба. Ја користам оваа прилика да изразам благодарност за работата на надлежните и медицинскиот персонал што работи на борба против вирусот”, наведува Рама.
Рама додава дека Албанија штотуку поминала низ силен земјотрес и оти албанскиот народ е добро запознаен со важноста на солидарноста и помошта меѓу народите во вакви тешки времиња.
„Само што преживеавме разурнувачки земјотрес што ја зафати земјата на 26 ноември минатата година, а раните се сè уште отворени, затоа ние сме свесни за важноста на солидарноста и помошта меѓу народите во вакви тешки времиња, нагласува Рама.
На крајот на писмото, Рама пишува дека албанската влада стои до кинескиот народ во ова време на криза.
„Ве молиме, прифатете го моето уверување дека албанскиот народ и владата стојат покрај вас во оваа криза, пишува во писмото што албанскиот премиер Еди Рама го упати до неговиот кнески колега Ли Кечијанг.