Прес конференција на Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
„СДСМ и Зоран Заев два дена молчат за скандалот кој излезе во медиуми во Албанија, во кој се говори дека Заев остварувал тајни средби со контроверзен либиски бизнисмен со цел да му се дадат дел од здравствените услуги во Македонија и за тоа да му бидат платени милиони евра народни пари. Кај што има чад таму има и оган, вели народот, односно во овој случај кај што е Заев таму има корупција.
Заев го нема да каже каков вносен бизнис планирал да му овозможи на либискиот бизнисмен Али Гафур, кој за сличен бизнис е под истрага за перење пари и корупција во Малта? Што разговарале со либискиот бизнисмен на тајната средба во 2018 година?
Кој сегмент од македонското здравство му го ветил Заев на Али Гафур и колку милиони евра од даночните обврзници требало да завршат во џебот на бизнисменот?
Веќе не прашуваме дали, туку колку од овој здравствен бизнис требало да заврши кај фирми на Заеви?
Почитувани,
Не е ни чудо што Македонија тоне во корупција и криминал со Заев. Цела Европа веќе го гледа како извор на корупција не само во Македонија, туку и пошироко. Европските вредности и европското здравство кои ги ветуваше Заев се претворија во сомнителни бизниси кои се бројат во милиони евра.
Да потсетиме, Зоран Заев и Венко Филипче во текот на 2018 и 2019 година, што кореспондира со средбата со либиецот Али Гафур, најавуваа дека ќе ја приватизираат Градската општа болница 8-ми Септември во Скопје, Итната Помош и ПЕТ центарот. Дали овие капитални здравствени капацитети, низа други објекти низ државата и здравствени услуги требало да се предадат во рацете на еден контроверзен и сомнителен бизнисмен, како овој со кој Заев се среќавал тајно.
Ова е доказ дека унапредувањето на здравството не било интерес на Заев. Интересот бил само бизнисот.