Глумецот Хоакин Феникс смета дека има „системски расизам” во филмската индустрија. Тој тоа го кажа во емотивниот говор синоќа во Лондон, по примањето на БАФТА наградата за најдобар актер.
Кога ја прими наградата, во која сите петмина номинирани беа белци, Феникс рече дека е почестен, но и оти „се чувствува необично”, бидејќи многу негови колеги ја немаат таа привилегија иако ја заслужиле.
– Мислам дека на луѓето „по мрачни патишта” им праќаме јасна порака дека не се добродојдени овде. И тоа е порака што ја испраќаме на оние кои многу придонеле за нашиот медиум и нашата индустрија на начини од кои сите имаме корист, изјави глумецот.
Тој додаде дека никој не сака фаворизиран третман.
Но, сите 20 номинирани во актерските категории за наградите БАФТА, се белци.
– Срам ми е да кажам оти јас сум дел од проблемот. Не сум направил доволно од тоа што е во моја моќ да ја обезбедам вклученоста во снимањата на кои учествувам… Мораме да се потрудиме вистински да го разбереме тој системски расизам, додаде тој.
Подоцна, на оваа тема говореше и принц Вилијам, претседател на Британската академија за филмски и театарски уметности – БАФТА.
– Среќни сме што имаме неверојатни филмаџии, глумци, продуценти, режисери и техничари – мажи и жени од сите етнички групи кои преку филмот ни го збогатуваат животот… Сепак, 2020 година е, а не е првпат последниве неколку години, да говориме за потребата да направиме повеќе за да ја истакнеме различноста во овој сектор, но и во постапката при доделувањето награди, рече принцот Вилијам.