Сите деца до 18 години што беа сместени во големи и безлични институции се згрижени во мали групни домови или згрижувачки семејства. Реформата на системот на социјална заштита, во делот на деинституционализацијата, една година порано успеа да ги префрли овие деца во средина најблиска до семејната, вели дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ во интервју за порталот „Локално”.
„Пред две години многумина ни велеа дека сме преамбициозни а сега веќе нема деца до 18 години сместени во институции. Сите се префрлени во семејно окружување или во средина којашто е најблиска до семејната. Нема да дозволиме да се повторат случаи од минатото, кога во институции беа врзувани корисници. Во тек е втората фаза на деинституционализација каде и повозрасните корисници почнуваат живот со поддршка, во локалните самоуправи. Од ЈУ Завод за рехабилитација Бања Банско Струмица се преселени девет корисници, од ЈУ Специјален завод Демир Капија преселени се седум возрасни корисници. Со еу-грант од 1,7 милиони евра, ќе продолжи поддршката на процесот на напуштање на институциите и трансформацијата на заводите”, посочи Шкријељ.
Изминатите две и пол години се промени начинот на кој државата се грижи за своите граѓани и сериозно се зголемија финансиските трансфери, вели во интервјуто Шкријељ, нагласувајќи дека социјалната помош е зголемена во просек за 300 отсто, а утврден е и детски, образовен и енергетски додаток.
„Наша примарна цел е искоренување на детската сиромаштија и обезбедување еднаква шанса за секое дете. За две и пол години инвестиравме 180 милиони денари во 43 градинки. Обезбедивме 15 милиони евра за изградба на инклузивни и енергетски ефикасни детски градинки. Ги ослободивме од плаќање надоместок за градинка самохраните родители во социјален ризик. Системски го решивме прашањето за бесплатно вклучување во предучилишно образование на децата Роми од семејства во ризик”, укажува Шкријељ.
Министерството за труд и социјална политика продолжува со инвестициите во градинките, со што се зголемува процентот на опфат на деца во предучилишното образование, а посебен фокус е ставен на руралните средини. Се работи на воведување на програма за родителство во 15 советувалишта во градинките, а заедно со УНИЦЕФ се реализира проектот за Центрите за поддршка на згрижувачките семејства и поттикнување на згрижувањето како форма на заштита на децата.