„Еко герила“: Смешно е тврдењето дека ќе се забрани пасењето на добиток ако Шар Планина стане национален парк

Од движењето „Еко герила“ ја сметаат изјавата на поранешниот премиер, Зоран Заев, во врска со прогласувањето на Шар Планина за Национален парк како што велат, за несериозна и срамотна.

„Образложението дека прогласувањето на Шар Планина ќе го одземе правото на пасење на добиток е смешно и тенденциозно. Тој, како поранешен премиер, треба да знае дека добитокот не и штети на животната средина и на биолошката разновидност во природата, но уништувањето на флората и фауната и разните природни ресурси доаѓа од изградба на хидроцентрали и нелегална сеча. Да се увери дека пасењето на добиток не им штети на националните паркови, треба да побара од советниците да му го прочитаат Законот за заштита на природата, член 75, точка 2 и Предлог-законот за националниот парк Маврово, член 11, точка 3, во кој изрично се наведува дека пасењето добиток е целосно дозволен“, се наведува во реакцијата на ова движење.

Од „Еко герила“ потсетуваат и дека нашата земја е потписник и Бернската конвенција, која предвидува заштита на Емералдните зони дури и без да бидат прогласени за национални паркови.

„Со вакви изјави поранешниот премиер создава сомнеж кај граѓаните дека го жртвува прогласувањето на Шар Планина како национален парк за интересите на хидро-мафијата и другите групи на интереси“, додаваат од таму.

Треба да знаете
Последни објави