Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, повторно изјави Анкара да не го признава повторното обединување на Крим со Русија и дека ќе продолжи да ја следи состојбата на кримските Татари, пренесува „Спутник“.
„Ќе продолжиме да го поддржуваме територијалниот интегритет на Украина. Нема да ја признаеме незаконската анексија на Крим. Кримските Татари се важен аспект од нашите блиски односи со Украина и ние продолжуваме да ја следиме нивната состојба“, истакна Ердоган пред заминувањето во официјална посета на Украина.
Портпаролот на рускиот пртседател, Дмитриј Песков, соопшти дека Ердоган има валиден предлог да го посети Крим за самиот да може да ја проучи ситуацијата со правата на кримските Татари.
„Во врска со тоа категорично не се сложуваме со нашите турски партнери за формулациите што ги користат во овој контекст. Повеќепати истакнавме дека не постои никаква загриженост во врска со Кримските Татари“, одговори Песков на барањето да ја прокоментира изјавата на Ердоган.
Крим стана дел од Русија во март 2014 година по референдумот одржан по државниот преврат во Киев. За обединување со Русија гласаа 96,77 отсто од гласачите на Република Крим и 95,6 отсто од жителите на Севастопол. Според рускиот претседател, Владимир Путин, прашањето на Крим е затворено, а Украина и понатаму го смета Крим за своја привремено окупирана територија.