Претседателот на Европскиот парламент, Дејвид Сасоли, денеска ќе допатува во дводневна официјална посета на Албанија. Прва негова средба ќе биде со амбасадорот на делегацијата на Европската унија во Тирана, Луиџи Сореца, а потоа со премиерот Еди Рама, по што ќе одржат заедничка прес конференција. Пред 15 часот ќе се сретне со спикерот на парламентот Грамоз Ручи и со координаторите на пратеничките групи, а во 15:15 часот ќе се обрати пред пратениците во албанскиот законодавен дом. Во 16:00 часот планирана е средба со шефот на државата Илир Мета.
Утрешното препладне Сасоли ќе го резервира за вонпарламентарната опозиција. Ќе се сретне со Љуљзим Баша, лидер на Демократска партија и Моника Круемади на Социјалистичкото движење за интеграција.
Пред неговата посета тој изјави дека доаѓа во Албанија за да даде надеж за иднината по тешките месеци што ги поминала, но и да ја потврди и поддршката на ЕП за започнување преговори со Албанија и со Северна Макдонија.
-Одам во Албанија за да ги охрабрам и да дадам надеж за иднината по неколкуте тешки месеци за земјата. Би сакал да ја потврдам силната поддршка на Европскиот парламент за започнување разговори за пристап со Албанија и Северна Македонија. И двете земји постигнаа голем напредок, во согласност со нашите очекувања,посочил Сасоли.
Тој во Албанија требаше да престојува на 2 и 3 декември, но посетата ја одложи поради катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата на 26 ноември.
Истата ја најави на почетокот на ноември кога ја најави и посетата на Северна Македонија,каде престојуваше на четврти ноември.
Тој тогаш изјави дека ЕП ги поддржува народот на Албанија и на Северна Македонија, повикувајќи ги да не се предаваат, дури и по одлуката на Советот да не се отворат преговори.