Во Собранието за денеска се најавени седници на повеќе комисии, за политички систем и односи меѓу заедниците, за европски прашања, за финансирање и буџет, за образование, наука и спорт, за култура… Закажани се и седници на Законодавно-правната комисија, како и работен состанок на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите со локалните комисии.
Предвидени се две седници на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на кои треба да се расправа за Предлог законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, во прво читање, поднесен од пратеникот Александар Кирацовски, Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, 2020-2024 година, како и предлог законите за изменување и дополнување на Изборниот законик и на Законот за јавнообвинителска служба, сите во второ читање, на предлог на пратеници.
На дневен ред на седницата на Комисијата за европски прашања е Предлог-законот за меѓународно приватно право, во второ читање, а на Комисијата за образование, наука и спорт Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Универзитет за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле”, во второ читање.
Две седници ќе одржат и Комисијата за финансирање и буџет, која треба да расправа за предлог – законите за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица и на јавни претпријатија, по скратена постапка во второ читање, како и Комисијата за култура, која закажа надзорна расправа на тема „Културните политики и начинот на донесување на Годишната програма на Министерството за култура за проекти од национален интерес, со посебен осврт на реализацијата на Програмата за 2018 година”