Американскиот претседател Доналд Трамп беше меѓу првите што ја честиташе победата на тимот Канзас Сити Чифс, кои се новите шампиони во НФЛ, но ја погреши државата од каде доаѓа победничкиот тим.
Како што информираат светските агенции Трамп им ја честитал победата на Канзас Сити Чифс преку „Твитер“, нагласувајќи дека тие ја претставуваат одличната држава Канзас, иако тимот всушност доаѓа од градот Канзас во Мисури.
„Честитки до Канзас Сити Чифс за феноменална игра и фантастичното враќање, под огромен притисок. Вие ја претставувате големината на државата Канзас, како и на САД воопшто. Нашата земја е многу горда на вас“, напишал Трамп.
Американскиот претседател набрзо потоа го избришал овој „твит“ и објавил нов, честитајќи му на тимот и наведувајќи дека е горд на нив и на големата држава Мисури.
Сепак, бришењето на твитот не го поштеди американскиот претседател од критики бидејќи голем број корисници веќе ја забележале грешката.
Иако делови од територијата на Канзас Сити преминуваат во државата Канзас, тој е најголемиот град во државата Мисури, а на територијата на оваа сојузна држава се наоѓа и стадионот на Канзас Сити Чифс кои во драматичен натпревар го поразија тимот на 49-ките од Сан Франциско.