Финалниот дравт текст за новиот закон за туристичка дејност е готов, но се уште течат преговорите со осигурителните компании за тие да ги покриваат полисите за туристички аранжмани. Тоа е едниствената причина што не се донесени измените на Законот за туристичка дејност, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
-До овој момент се уште не сме нашле осигурителна компанија која ќе нуди полиси за осигурување на туристичките аранжмани. Заедно со стопанските комори постојано сме во контакт со осигурителните компании и во моментот кога ќе усогласиме се новиот закон за туристичка дејност ќе го пратиме во Влада и ќе го усвоиме, рече Бектеши на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање.
Согласно предлогот што го изработи Министерството за економија осигурителните компании треба да нудат осигурителни полиси од 100.000 евра за да ги осигураат ангажманите на туристичките агенции.
Прашан дали не е неопходно да се побара помала сум за осигурување на аранжманите за да се најде заинтересирана осигурителна компанија, Бектеши рече дека само еден чартер лет може да чини 100.000 евра, а има тур-оператори, посочи, кои во текот на сезоната имаат стотици чартери.
-Секако дека ваквата банкарска гаранција не би можела да ги покрие, но доколку настанат случаи во кои наши граѓани би можеле да останат во друга држава поради пробмлеми со туристичкиот аранжман ќе одмине многу време додека се активира банкарската гаранција, а доколку одиме со варијантната на осигурителна полиса ќе може многу побрзо да се компанзира и граѓаните да продолжат со одморот или, пак, безбедно да се вратат дома, рече Бектеши.
И со постоечките прописи, додаде, граѓаните се заштитени од лошите тур-оператори и можат да достават преставка до Пазарната инспекција доколку не е исполнето она што е предвидено согласно договорот што го направиле со Тур-операторот.
-Но, наша цел е да најдеме варијанта за граѓаните да бидат уште позаштитени и побрзо да им се компензира доколку се случи некаков проблем со туристичкиот аранжман, потенцира Бектеши.