ЖРСМ Транспорт АД-Скопје соопшти дека прекинот на железничкиот сообраќај што стартуваше изутрина е незаконски. Претседателот на Независниот синдикат на машинскиот персонал Душко Чакаровски, без да достави соодветна документација, се претставува како претставник на целокупниот машински и извршен персонал во претпријатието и незаконски поттикнал и предизвикал прекин на железничкиот товарен и патнички сообраќај, стои во соопштението.
Раководството на ЖРСМ Транспорт АД-Скопје, според соопштението, во изминатиот период одржало повеќе состаноци со синдикатот на кои било укажано дека побарувањата од машинскиот и извршен персонал за зголемување од 30 на 40 проценти на надоместот на плата за квалитет, се надвор од финансиските можности на Друштвото.
Железничкото претпријатие го соопштува износот на исплатените плати во просек за машиновозачите, односно во октомври вкупната нето плата со исплатен трошок за километар изнесувала 44.995, во ноември 44.070, а во декември 47.665 денари. – Ова е просек за сите машиновозачи во ЖРСМ Транспорт АД-Скопје и тој е далеку над просекот на плата што се исплаќа во државата, напоменуваат од Железници Транспорт и додаваат дека наспроти тоа платата на дипломиран инжинер во Железници Транспорт кој не е на раководна функција изнесува 26.000 до 27.000 денари.
– Во Колективниот договор на ЖРСМ Транспорт АД-Скопје т.е. од одредбите од член 207 до член 214, кои се однесуваат на правната категорија – штрајк во ЖРСМ Транспорт АД-Скопје, како и наша Тековна состојба од ЦРСМ од која може да видите дека Друштвото е основано од Владата на Република Северна Македонија и дека врши дејност од посебен општествен интерес, а тоа е меѓународен и внатрешен транспорт на стоки и патници со железнички превозни средства, наведуваат од железничкото претпријатие и дополнуваат дека платата за декември за сите вработени во ЖРСМ Транспорт АД-Скопје е покачена за пет проценти.
Останатите синдикати во ЖРСМ Транспорт АД-Скопје, стои во соопштението, не го подржуваат штрајкот предводен од машиновозачот Чакаровски.
Претходно министерот за транспорт и врски Горан Сугарески апелираше машиновозачите да продолжат со работа, истакнувајќи дека е подготвен повторно да преговара со нив, но, како што вели, не по цена на уцени и нарушување и штета на работењето.
Треба да продолжат со работа, сите треба да се покажеме државно општествено одговорни затоа што секој застој таму на сите бројни проблеми што ги има 30 години во делот на долговите коишто ги имаат, да не се прават нови, бидејќи тоа е интерес и за државата и за нив, изјави Сугарески.
Како што изјави за МИА Чакаровски, барањето за зголемување од 30 на 40 проценти на надоместот на плата за квалитет, им е врз основа на Колективниот договор за дополнителна работа и работење со намален број на извршен персонал. Надомест од 40 проценти им бил исплаќан до пред антикризните мерки во 2008 година. Зад организацијата на бојкотот на работата, тврди Чакаровски, не стои ниту една синдикална организација, односно во него се вклучиле 99 проценти од машинскиот персонал од различни синдикати, но и работници кои не членуваат во синдикатите.
Поради бојкотот на машиновозачите, што стратуваше изутрината во седум часот, во целосен прекин е товарниот сообраќај, а не тргнаа двата патнички воза за Велес предвидени за девет и за 13 часот. Со возниот ред се предвидени сообраќања и за Битола, Кочани, Гевгелија, Кичево и Табановце.