ЕСЕ: И натаму е мал опфатот на жени во Програмата за скрининг на рак на грлото на матката

Од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), по повод Светскиот ден за борба против карциномите, 4 Февруари, алармираат дека и натаму е мал годишниот опфат на жени вклучени во скринингот за карцином на грлото на матката.

„Министерството за здравство секоја година усвојува и спроведува Програма за скрининг на карцином на грлото на матката, преку која жените на возраст од 24 до 60 години треба да направат бесплатен ПАП-тест на секои три години“, информираат од ЕСЕ додавајќи дека скрининг-програмата се смета за успешна доколку со неа се опфатат најмалку 75 отсто од жените на дадената возраст.

Сепак, од таму истакнуваат дека во 2018 година преку Програмата за скрининг на преглед биле поканети 52.577 жени (9,6 отсто од целната популација), а ПАП-тест направиле 43.103 жени (7,9 отсто од целната популација).

Според нив, уште позагриживачка е програмата за 2020 година за која Министерството издвојува 7.670.000 денари и планира да опфати само 21.000 жени.

„Загрижува податокот што буџетот за Програмата за 2020 година е 2,4 милиона денари помал од буџетот за Програмата за 2018 година (кога изнесувал 10.080.000 денари). Со ваквиот начин на планирање Министерството обезбедува средства за опфат на 11 отсто од целната популација“, се наведува во извештајот на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

Од таму нагласуваат дека за да се зголеми опфатот на жените со Програмата за скрининг, Министерството за здравство треба да обезбеди 54.383.186 денари на годишно ниво за да овозможи опфат на 80 отсто од жените на возраст од 24 до 60 години.

„Дополнителен проблем е недоволниот број матични гинеколози, односно недостигаат 158 матични гинеколози во примарната здравствена заштита. Исто така, сите матични гинеколози не се вклучени во спроведувањето на Програмата за скрининг. За да се зголеми опфатот на жените, потребно е во процесот на земање ПАП-брис да се вклучат и други здравствени установи, како што се општите и клиничките болници, како и специјалистите по семејна медицина во примарната здравствена заштита“, стои во извештајот на ЕСЕ, во кој се нагласува и дека во однос на оваа проблематика недостига меѓусебна координација меѓу Министерството за здравство и Фондот.

Според податоците, во РС Македонија во периодот од 2012 до 2018 година од карцином на грлото на матката умреле 269 жени.

 

Треба да знаете
Последни објави