Заев со турскиот амбасадор Секизќок: Турција била и останува наш голем пријател и сојузник, работиме на поголема економска соработка меѓу двете земји

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска во седиштето на партијата се сретна со амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок.

На средбата се разговараше за односите помеѓу двете земји,  економската соработка, како и за повеќе актуелни теми.

Претседателот Заев му честиташе на Секизќок за функцијата и му посака успешен мандат како амбасадор на Турција во нашата земја, изразувајќи надеж дека добрите односи помеѓу двете земји дополнително ќе се развиваат.

– За нас е Турција е еден од најголемите и најдобри пријатели. Не ја забораваме поддршката што Турција ни ја даваше во важни моменти за нашата земја, но ја цениме и постојаната помош и поддршка на пријателска Турција.  Имаме значајна економска соработка, Турција е еден од најголемите инвеститори во Република Северна Македонија и позитивно влијае врз намалување на невработеноста, зголемување на платите и севкупен економски раст. Новите турски инвестиции но и оние од претходно се задоволни од условите за водење бизнис во Северна Македонија. Тоа секако ќе значи охрабрување на нови бизнисмени од Турција да вложуваат во нашата земја, посочи претседателот Заев.

Во разговорот претседателот Заев се осврна и на евроинтегративниот процес и упати благодарност до Турција за нејзината поддршка кон интеграцијата на Северна Македонија во НАТО.

– Членството во НАТО е извесно се чека само ратификацијата на Шпанија. Со право очекуваме во најбрз можен рок, ЕУ да даде зелено светло за започнување на преговорите затоа што сторивме се што требаше и кончено по 15 години кандидатски статус да започнеме преговори за членство, порача Заев.

Амбасадорот Секизќок истакна дека Турција продолжува да ја поддржува Република Северна Македонија и изрази задоволство што овие две држави наскоро ќе станат партнери во НАТО Алијансата. Амбасадорот на Турција посочи дека интерес на двете држави е да има поголема економска соработка и затоа ги поттикнуваат турските бизнисмени, да го искористат потенцијалот и уште повеќе да инвестираат во Република Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави