Кинески лекар од Вухан кон крајот на декември се обидел да предупреди за коронавирусот, меѓутоа бил замолчен од страна на полицијата, објави Си-Ен-Ен.
Доктор Ли Венлианг (34) на 30 декември пуштил порака преку апликацијата ВатсАп дека седум пациенти во болницата во која работи се заразени од вирус сличен на САРС и дека се во карантин.
Тој појаснил дека станува збор за коронавирус кој припаѓа на фамилијата вируси во кои се и тешките акутни респираторни синдроми, пренесува Си-Ен-Ен.
Меѓутоа, во рок од неколку часа неговата порака станала вирална.
– Кога видов дека циркулира, сфатив дека е надвор од моја контрола и дека најверојатно ќе бидам казнет, рече Ли.
За кратко време полицијата на Вухан го обвинила дека шири гласини, а во меѓувреме и тој се заразил и се наоѓа на интензивна нега.
Вирусот кај него е дијагностициран од 1 февруари, а се заразил од пациент кој го лекувал.
Во меѓувреме, добил опомена и од болницата, од каде му било побарано да појасни како знаел за случаите. На 3 јануари бил повикан во полиција на сослушување поради наводно ширење дезинформации, иако на 31 декември е прогласена епидемија на коронавирус.
Доктор Ли бил принуден да потпише изјава во која го признава својот „прекршок” и во која ветува дека нема да направи нови „незаконски дејства”.
Полицијата досега нема одговор на прашањата на Си-Ен-Ен за случајот со Ли.