Анкара и Русија преземаат чекори за олеснување на тензиите во сириската провинција Идлиб, рече турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, пренесува ТАСС.
„Сакаме да ставиме крај на овие конфликти заедно со Русија, како што сторивме во рамките на процесите Астана и Сочи. Не можеме да дозволиме напади врз нашите сили, затоа презедовме одмазднички мерки во Идлиб и ќе продолжиме да дејствуваме на овој начин, “ истакна тој.
Според Чавушоглу, Анкара и Москва би сакале да обезбедат постојан прекин на огнот и да го отворат патот за политичко решение.
Во понеделникот, турските авиони и артилерија извршија напади врз 54 цели во Идлиб, при што загинаа 76 сириски војници, посочи турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар. Нападите беа одговор на нападот врз турските позиции во близина на сирискиот град Саракиб, во кој беа убиени пет војници и тројца цивили.
Рускиот центар за помирување на спротивставените страни во Сирија, пак, во изјавата рече дека турските сили биле нападнати од сириските владини сили во текот на ноќта во понеделникот, бидејќи Анкара не ја известила Русија за движењето на своите трупи. Терористите што се повлекоа кон Саракиб беа вистинската цел на нападите на сириската армија.