Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел издаде ново соопштение за мировниот план на Доналд Трамп за конфликтот помеѓу Израелците и Палестинците и оцени дека овој план не ги почитува меѓународните стандарди, јави дописничката на МИА од Брисел.
„Европската Унија е целосно посветена на трансатлантското партнерство и ги вреднува сите напори за изнаоѓање мирољубиво решение за израелско-палестинскиот конфликт. ЕУ потсетува дека е посветена на договорено решение со две држави врз основа на границите од 1967, со еквивалентни размени на територија, како што би можеле да се договорат страните, со држава Израел и независна, демократска, соседна, суверена и одржлива држава Палестина, кои живеат една до друга во мир, безбедност и взаемно признавање”, стои во соопштението.
– Иницијативата на САД, каква што беше презентирана на 28 јануари, ги напушта овие меѓународно договорени параметри, смета шефот на европската дипломатија.
Ова е второ соопштение на високиот претставник за надворешната политика на ЕУ на оваа тема, овојпат со значително покритичен тон кон планот на САД за Блискиот Исток.
– За да се изгради долготраен мир, прашањата за нерешениот финален статус мора да се решат преку директни преговори меѓу двете страни. Ова подразбира прашања поврзани за границите, статусот на Ерусалим, безбедноста и бегалското прашање, вели Борел.
Планот кој го презентираше Доналд Трамп минатата недела е донесен без согласност од палестинската страна и предизвика незадоволство кај мнозинство земји членки на ЕУ.
ЕУ ги повика Израелците и Палестинците да се вратат на преговарачка маса и да се воздржат од еднострани потези.
„Посебно сме загрижени за изјавите поврзани за можноста за анексија на Јорданската долина и други делови од Западниот брег. Согласно резолуциите на Советот за безбедност на ОН, ЕУ не го признава суверенитетот на Израел врз окупираните територии од 1967. Обидите за анексија, доколку се спроведат, нема да поминат без проблем”, предупреди ЕУ.