Македонското друштво „Илинден” – Тирана ја поздрави ратификацијата на Спогодбата за отворање македонски културно-информативен центар во Тирана, од страна на албанскиот Парламент.
– Со овој чин на Собранието на Албанија се реализира тридеценискиот сон на Македонците во Албанија, кои од падот на комунизмот во Албанија и воспоставувањето на плурализмот, постојано иницираше идеи за отворање на Дом на културата за Македонците, стои во соопштението на друштвото.
Се додава дека со ратификацијата на овој документ, Република Албанија покажала дека е искрено заинтересирана за добрососедска соработка со соседна Северна Македонија, како и дека ги испочитувала потребите и барањата на своето македонско национално малцинство.
– Со отворањето на Македонскиот културно – информативен центар во Тирана, дополнително ќе се зголеми соработката меѓу двете држави, ќе се продлабочи културната соработка и ќе се создадат услови за тоа културните работници и институции на двете држави да ја зголемат взаемната соработка и да го презентираат своето творештво. Оваа институција може сериозно да помогне и во размена на професори и студенти заинтересирани за културата на сограѓанинот или соседот, се наведува во соопштението.
Албанскиот парламент Спогодбата за отворање македонски културно – информативен центар во Тирана, ја ратификува на вчерашната пленарна седница. За директор на центарот е назначен Златко Ориѓански.
Парламентот на Северна Македонија, пак Спогодбата ја ратификуваше во мај минатата година.