Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство остро ја демантира денешната изјава на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, за наводниот увоз на тутун.
„Лага и невистина е денешната изјава на Трипуновски дека „…во периодот од 8-ми јануари до денеска е увезено 1 милион килограми тутун….се увезува е од ист тип на тутун кој што се произведува во Македонија, а се плаќа поскапо од домашниот“.
Официјалните податоци од Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) покажуваат дека не постои увоз на тутун кој се откупува од нашите откупни претпријатија и нема увоз на сортите на тутун „Прилеп“ и „Јака“. Од 2019 година, па до 03.02. 2020 година според податоци од ,,EXIM“ системот на ДИЗ, од страна на мултинационалната компанија „Алијанс Уан Македонија“ со седиште во Кавадарци, од Бугарија е увезен суров необработен тутун од тип ,,Катерини“ во износ 469.033 килограми и суров необработен тутун од тип ,,Крумвоград“ во износ од 501.506 килограми. Овие количина тутун, се преработени во капацитетите на оваа компанија во Кавадарци и се извезени на интернационални светски компании кои што произведуваат цигари. Со ова се ангажирани капацитетите на оваа компанија кај нас и со додадена вредност се извезени. Значи, не станува збор за никаков увоз, туку за увоз за доработка и повторен извоз, со што е остварена разлика на девизен прилив во Република Северна Македонија.
Податоците од оваа државна институција се релевантни и официјални, а податоците на Трипунповски се лажни и паушални.
Со овие лажни информации, Трипуновски свесно нанесува штета не само на тутунопроизводството, туку и на компаниите кои вршат откуп на тутун, коишто лажно ги оцрнува и го доведува во прашање егзистирањето и на компаниите и на вработените во тие компании.
Трипуновски како порашенешен директор на Државниот инспекторат за земјоделство, треба да знае дека законски на откупните претпријатија им е дозволен узвоз на необработен тутун за доработка, заради одржување на производствените капацитети и за одржливо производството на тутунските производи.
Откупните претпријатија коишто вршат откуп на тутун во Република Северна Македонија, се светски познати и реномирани фирми кои вршат извоз и кои што имаат законско право да увезат необработен тутун за да ги исполнат капацитетите за доработка. Овој тутун од увоз во ниту еден случај не може да го наруши откупот на домашниот тутун, бидјеќи откупните претпријатија законски се обврзани да ги откупат договорените количини со кооперантите и ги исполнуваат договорите.
Со денешната изјава и лажни обвинувања, Трипуновски, не само што шири дезинформации, туку уште еднаш ги покажа своите елементарни непознавања за земјоделството, особено за стратешките земјоделски гранки, и повторно на грбот на земјоделците се обидува да придобива политички поени.
МЗШВ е во постојана комуникација со откупните претпријатија и со тутунопроизводителите, а на терен веќе има засилени контроли од страна на ДИЗ. Досега 93,4 отсто од произведениот тутун е откупен, за десеттина дена се очекува да се откупат и преостанатите околу 7 отсто тутун, коишто во целост ќе бидат откупени. МЗШВ апелира до тутунарите да не потпаѓаат под манипулации бидејќи секој килограм произведен тутун од реколтата 2019-та ќе биде во целост откупен.
Во овој речиси три години, МЗШВ како институција покажа што значи вистинска грижа за земјоделците и стратешките гранки. Се воведе нов модел за зголемени субвенции за тутунот во три нивоа, 80 денари за прва класа тутун, 70 денари за втора класа тутун и 60 денари е субвенцијата за трета и дополнителните класи на тутун. На овој начин се мотивираа тутунопроизводителите да произведуваат квалитетен тутун и да се постигне повисока просечна откупна цена. Во овој речиси тригодишен период се постигнаа највисоки просечни откупни цени. Со вкалкулираните субвенции оваа година се очекува просечната откупна цена на тутунот да достигне 300 денари за килограм.“