Новата претседателка на Собранието на Косово Вјоса Османи вели дека, со тоа што ја отстранила сликата на актуелниот претседател на државата Хашим Тачи од ѕидот наспроти работната маса во нејзината канцеларија во Парламентот, не направила никакво законско прекршување, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според Османи, сликата на Тачи се наоѓа во нејзиниот кабинет, така што нема никакво прекршување на Законот за државниот протокол, како што тврди во неговата реакција кабинетот на претседателот на државата.
Во реакцијата од кабинетот на Тачи, по медиумските извештаи дека на првиот работен ден како парламентарна спикерка Османи ја заменила сликата на актуелниот со онаа на првиот претседател на независно Косово, Ибрахим Ругова, се вели дека „доколку е информацијата вистинита, тоа претставува прекршување на важечките закони и лош преседан за сите косовски институции”.
– Претседателот на Реубликата го претставува највисокиот авторитет на државата и сите институции се должни според Законот за државниот протокол во нивните простории да ја истакнат сликата на претседателот, се вели во соопштението од кабинетот на Тачи.
Османи, која на челното место во законодавниот дом дојде како потпретседателка на Демократскиот сојуз на Косово, партија која ја основа и до неговата смрт во јануари 2006 година ја водеше Ругова, изјави дека добро ги познава законите и во случајов не направила никакво прекршување.
– На ѕидот наспроти себе сакам да биде сликата на историскиот претседател на Косово, д-р Ибрахим Ругова, човекот кој цел живот ме инспирира. На сликата на актулениот претседател (Тачи) ѝ е сменето местото и можете да видете каде се наоѓа кога ќе дојдете во мојата канцеларија, изјави Османи за време на посетата на одделот за неонатологија при Клиничкиот и унверзитетски центар на Косово.
Таа додаде дека споменатиот закон пропишува оти сликата на актуелниот претседател треба да биде во просторијата, но не прецизира и каде таа треба да биде поставена.
Османи, како новоизбрана претседателка на Собранието на Косово, денеска ја оствари својата прва официјална средба, угостувајќи го во својот кабинет американскиот амбасадор Филип Коснет. Известувајќи од настанот, косовските медиуми забележаа дека во кабинетот на Османи, на местото каде што до вчера висеше сликата на Тачи, сега се наоѓа онаа на Ругова.