Француското обвинителство отвори истрага против поранешен тренер по уметничко лизгање, Жилес Бејер (62), за наводно силување и сексуален напад врз малолетничка.
Истрагата е покрената откако поранешната француска повеќекратна шампионка, Сара Абитбол, објави книга во која тврди дека Бејер ја силувал повеќе пати од 1990 до 1992 година кога била тинејџерка.
„Бев ранлива, а ти го искористи тоа. Дури и денес, веднаш штом ќе ја напуштам куќата, се плашам. Мразам да одам на места што не ги познавам. Непознатото за мене е синоним за опасност. Не можам да патувам сама. Возењето без придружба за мене беше невозможно, а летањето вистинска тортура“, напиша десеткратната француска шампионка, која заедно со Стефане Бернадис освои бронзен медал на Светското првенство во 2000 година.
Бејер минатата недела призна дека имал интимни и непримерни односи со Абитбол, по што бил отпуштен од клубот „Лес Францаис Волантс“, во кој имал една од водечките функции.
Обвинителот Реми Хејц во изјава рече дека прелиминарната истрага ќе бара да се идентификуваат други жртви кои можеби претрпеле слични дела.
Француската министерка за спорт, Роксана Марачинеану во понеделникот побара оставка од претседателот на француската федерација за уметничко лизгање, Дидиер Гаилхагут, кој во времето на наводните силувања веќе ја водел федерацијата.