Царината запленила статуетки, моторцикл, делови за моторни возила, цигари…

Во текот на месец јануари, царинските службеници открија 4 илегални мигранти и повеќе обиди за криумчарење стока, при што се задржани моторцикл, делови за моторни возила, облека, женски чанти, обувки, статуетки, футроли за очила и цигари.

Привремено се задржани:

Моторцикл и делови за возила

– 1 моторцикл и 1 автоматски менувач за патнично моторно возило,  откриени во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови.

Во првиот случај, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце, во кутија сместена во багажникот на возилото бил, пронајден автоматски менувач за патнично моторно возило Volkswagen. Непријавениот менувач е привремено задржан, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Во вториот случај, припадници на Министерството за внатрешни работи, при сообраќајна контрола, извршена во населбата Аеродром во Скопје, на моторцикл марка Suzuki GSX-R 600, управуван од македонски државјанин, утврдиле дека возачот не поседува никаква документација за потекло и платени увозни давачки за истиот. Поради сомневање за сторен царински прекршок, моторциклот бил предаден на мобилните царински тимови. Против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 1 употребуван блок од мотор за камион, откриен при контрола на македонско патничко комбе, управувано од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавениот производ, пронајден во делот за патници до страничната врата, е привремено задржан, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Облека и чанти

– 284 парчиња облека (капи и женски чорапи) и 102 женски чанти, откриени при контрола на италијански автомобил управуван од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени во една голема вреќа и две кеси сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 139 парчиња спортска облека (шорцеви, маици, тренерки и дуксери), откриени при контрола на македонско патничко комбе, управувано од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Возачот пријавил дека носи спортска опрема спакувана во 23 кутии, за која поседувал странска извозна декларација. Поради тоа што возилото не било соодветно за транспорт на царинска стока, бил извршен претовар во соодветно возило и воедно бил извршен детален преглед на стоката, при што биле пронајдени непријавените производи. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 112 парчиња облека (блузи, маици и дуксери), откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје, при контрола на патните торби на македонски државјанин кој допатувал со лет од Дортмунд. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Разна стока

21 статуетка со димензии 24x16x33 cm, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените статуетки, пронајдени во картонски кутии сместени во багажникот и позади возачкото седиште, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

200 футроли за очила, 11 готови текстилни производи, 3 пара чизми, 6 пара лежечки држачи за лагери, 6 сета карики, 1 комплет дихтунг за глава за мотор и 10 штрафови за глава за мотор, откриени од страна мобилните царински тимови, при контрола македонски камион, извршена во близина на царинскиот терминал Табановце. Непријавените производи биле пронајдени во кабината, позади возачкото седиште, и во просторот за палети. Истите се привремено задржани, а против возачот, македонски државјанин, ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

 Цигари

– 17 штеки цигари марка LEADER, DAVIDOFF и KARELIA BLUE 100S, без акцизни маркички, откриени при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените цигари, кои според изјавата на возачот биле купени во грчкиот фри-шоп што се наоѓа во меѓуграничниот простор, биле пронајдени помеѓу предните и задните седишта, покриени со палто. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

 

Мигранти

Мобилните царински тимови во соработка со припадници на Граничната полиција, при контрола на товарен воз кој сообраќал на релација Грција – Унгарија, откриле 4 илегални мигранти. Мигрантите, кои според нивната изјава биле авганистански државјани, се предадени на Министерството за внатрешни работи за понатамошна постапка.

 

 

Треба да знаете
Последни објави