Градоначалникот Шилегов и главниот инспектор на Град Скопје, Мирослав Богдановски, денеска, обелоденија скандал со ужасна содржина која треба да го вклучи алармот на другите институции. Преку објавените видеа и фотографии јасно се гледа неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад каде што кучиња скитници јадат човечки остатоци и крв што истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар.
-Почитувани граѓани, пред две недели Ви ветив дека јас лично и Град Скопје, по преземањето на „Дрисла“ на 20 јануари, стоиме зад законитото и принципиелно работење на оваа депонија. За мене, за вработените во Град Скопје и за градскиот инспекторат не може и нема да има компромиси со животната средина и потенцијалните опасности за здравјето на луѓето. Градот Скопје пред 50-ина дена дојде до сериозен доказен материјал за злоупотреба во менаџирањето на отпадот на територијата на градот и затоа навремено беа известени надлежните институции – посочи Шилегов.
Од објавеното видео, се забележува начинот на којшто бил третиран медицинскиот отпад во Скопје, и за жал, Градот нема податоци колку долго и колку често на ваков начин се третирал овој отпад. Наместо термичка обработка и стерилизација, се случувала несоодветна обработка на медицинскиот отпад, којшто потоа завршувал на „Дрисла“ како обичен отпад.
-Повеќе од 50-ина дена, Град Скопје чека какво било преземање дејствија од Јавното обвинителство, но досега немаме информација дали воопшто официјално е започната истрага. Напротив, според нашите сознанија, сторителот се покрива со документација од друга надлежна институција. Затоа јас, мојот тим и главниот инспектор на Град Скопје нема да дозволиме вакво неодговорно однесување на институциите во државава. Време е конечно секој да застане зад своите обврски и да сноси одговорност за своето неработење. Барам ЈО веднаш да започне истрага за овој скандал што претставува опасност по здравјето на луѓето, а исто така барам и МЖСПП во целост и детално да го испита работењето на сите субјекти кои се под нивна надлежност, особено оние со дозвола за обработка на медицински и опасен отпад. Здравјето на граѓаните не може да трпи компромиси. Оваа битка или ќе ја војуваме сите заедно, како граѓани и како институции или сите ќе ја загубиме. А јас нема да дозволам оваа битка да биде загубена. Градот секогаш ќе стои пред и зад своите граѓани – соопшти Шилегов.
Овој случај го откри главниот инспектор на Град Скопје, Мирослав Богдановски којшто реагирал професионално и одговорно затоа што имал многу дојави од граѓани дека во кругот на фирмата подолго време се случува нешто сомнително, се шири непријатен мирис и дека отпадот не се третира соодветно. Загрижен дека ниту една друга институција не презема никакви мерки за да ги заштити граѓаните кои живеат во околината на фирмата од можни заразни болести, Богдановски бил приморан да влезе и да ги фати на дело како вршат несоодветно третирање на опасен отпад. На прес-конференцијата, инспекторот Богдановски детално ги образложи фотографиите и видеоматеријалот кои експлицитно го потврдуваат ужасот што претставува потенцијална бомба за епидемија.
-Машината за преработка на медицинскиот отпад за време на контролата не беше во функција и отпадот не беше соодветно третиран, со што отвораше можност за ширење опасни зарази по животот на луѓето и животните. Медицинскиот отпад се обработуваше во машина за сечење која што само го дроби отпадот, но не ги уништува бактериите. Таквиот непреработен медицински отпад го префрлаа во камион којшто не е соодветен за транспорт на ваков тип инфективен и опасен отпад за потоа да биде транспортиран во „Дрисла“ како обичен отпад – објасни Богдановски.
По оваа прес-конференција, ниту една институција нема никаков аргумент да го оправда своето непостапување по овој случај, којшто инспекторот со целосниот доказен материјал го пријави во надлежното обвинителство пред повеќе од 50 дена.
-линк од видео-фото материјали – https://wetransfer.com/downloads/001723466ad05c06364c7366b62c8a7f20200204115729/346f02dc1c6659971f6fb4fdb8bf194320200204115729/c358d3