Ќе поднесеме предлог за распуштање на Собранието на 12-ти февруари и тогаш ќе се види кое е “за” а кој “против” одржувањето предвремени избори

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ ќе поднесе предлог за распуштање на Собранието на 12-ти Февруари и тогаш ќе се види кое е “за” а кој “против” одржувањето предвремени избори, најави претседателот на оваа партија, Христијан Мицкоски.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, претходниот премиер Зоран Заев се обидува по секоја цена да ги одложи изборите. Мицкоски најави и дека оваа партија има предлог експертите да бидат вклучени во донесувањето на законот за Јавното обвинителство, како решение за актуелната криза.

Во продолжение интегрален текст од прес конференцијата на Мицкоски

„Ќе започнам директно и без заобиколување, бегањето од избори на Зоран Заев е бегство од соочување со одговорноста. Со ова окажува дека е подготвен целата држава да ја стави во заложништво, само за да се обиде да се спаси себеси. Зоран Заев има еден приоритет, а тоа е како да одбегне одговорност за сите скандали и афери кои се провлекуваат за неговото име и неговата влада. А, ги има доста. Никој во оваа држава не верува повеќе во тоа дека сме прогласени за најкорумпирана земја во Европа, а Заев да нема никаква вина во најкорумпираната влада.Никој не верува во тоа да сме прогласени во хибриден режим што е на чекор до авторитарен режим, а Заев да нема никаква вина во газењето на слободите и правата.

https://www.facebook.com/MickoskiHristijan/videos/1556830034440910/?t=19

 

Никој не верува во тоа да за три години нема ниту еден процесуиран и сериозен случај за криминал против било кој човек од власта, а Заев да не врши влијание врз разнишаното и без кредибилитет обвинителство и судство. Не е до законот за обвинителство колку што е до анкетите и до навигацијата кој Заев ги добива секој ден на терен.

А, кои покажуваат дека СДСМ нема поддршка од граѓаните и разликата во корист на ВМРО-ДПМНЕ од ден на ден се зголемува. Јасно е дека намерата на Заев кој знае дека ги губи изборите е да се обиде да ги одложи и да одбегне одговорност со тоа.

Тој има два начини да ја постигне оваа цел. Првиот е еднострано носење на закон за јавно обвинителство со кое ќе воспостави целосна и зголемена контрола врз обвинителството. За да по поразот одбегне одговорност за сите сомнежи за сторен криминал и корупција. И откако стана свесен на носењето на овој лош закон по забелешките на ВМРО-ДПМНЕ но и бројните забелешки на експертската јавност дека удира во ѕид, сега оди кон вториот начин, а тоа бегство од избори за да има бегство од одговорност.

Тоа покажува дека Зоран Заев сака власт само да не се соочи со правдата и ништо повеќе и ништо помалку од тоа.

И во оваа прилика законот за јавното обвинителство го користи единствено како изговор за останување на власт. А, од изговори и блефови веќе е доста. Ова е најмалку трет изговор за да избега од избори. Претходно беше наводната шпанска криза и влијанието врз ратификувањето на протоколот за НАТО, па потоа смисли изговор во кој се посочуваше блокадата на законите од страна на опозицијата меѓу кои беше и оној за бизнисот и извоз на цвет за марихуаната во кој директен интерес има семејството Заеви, за да денес се смисли нов изговор, а тоа е законот за јавно обвинителство.

Законот за јавно обвинителство кој го предлага Заев е едностран и во спротивност со експертските мислења, Уставот и кривичната материја.

Македонија не смее повеќе да биде заложник на партиските интереси, суетите на одредени министри и стравот на Заев од соочување со одговорност.

Македонија не смее да си дозволи обликување на суштински закони во зависност на политичките желби на власта или теснопартиските интереси на било кој друг субјект во државата. Не смее повеќе да се дозволи да се обликува закон со кој некој ќе се штити и се ќе се прави за да се наштети на некој друг, а потоа граѓаните да бидат единствени кои ќе го платат цехот за целото непочитување на законите.

ВМРО-ДПМНЕ не е против закон за јавно обвинителство, туку е против партиски закон за јавно обвинителство со кој ќе се заштити криминалот. Секое законско решение мора да биде производ на консензус, но и во дослух со експертската јавност. Затоа предлагам законот за јавно обвинителство да дојде од експертите и професорите од Правниот факултет кои имаа релевантност и искуство од оваа материја и беа дел од јавната дебата. Професионализамот да го ставиме над партиските интереси, а законот кој тие ќе го предложат безрезервно и без двоумење ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати.

Ајде сите заедно да бидеме зрели, да се издигнеме над партиските интереси и да бидеме заедно со државните интереси и интересите на граѓаните. Ајде професорите и експертите вклучени во јавната расправа да изготват решение коешто еве јавно пред македонската јавност  кажуваме и се обврзуваме дека ВМРО-ДПМНЕ безрезервно ќе го подржи, а истото да го подржи и власта, која на тој начин ќе застане рамо до рамо со честитоста и вистината пред граѓаните, а заедно ќе покажеме дека се ставаме над партискиот интерес. Да се однесуваме зрело и одговорно, европски. Еднаш партиите да дадат шанса на експертите. Во име на тоа ВМРО-ДПМНЕ предлага формирање на тим од врни експерти кои што ќе работат на изготвување на овој закон, меѓу кои ќе бидат вклучени професорите по уставно и казнено право, а тоа се:

  • Професор Доктор, Владо Камбовски,
  • Професор Доктор, Гордана Силјановска,
  • Професор Доктор, Никола Тупанчевски,
  • Професор Доктор, Гордан Калајџиев,
  • Професор Доктор, Тања Каракамишева,
  • Професор Доктор, Гордана Лажетиќ.

Државата не смее да назадува поради отпорот на еден човек и неговиот страв од одговорност. Ако некој има илузија одложувањето на изборите нема да го спаси од одговорност Заев, туку само ќе ја продлабочи кризата во која што се наоѓаме. Утре Заев по овој пример може да си донесе одлука дека не важи судот, да го укине обвинителството или да се додели еднострано вечен мандат, но тоа не е патот по кој што државата треба да се движи. Да престанеме со притисоци врз претставниците во законодавниот дом, без разлика на која партија и припаѓаат. Да престанеме да го разочаруваме и онака веќе разочараниот македонски граѓанин, затоа што чуму ни се тогаш избори ако со притисок едноставно  може да се боксуваат законски решенија во рамките на законодавниот дом.

Не е само до законот, туку до неморалот на политичарите и спрегите на мафијата со судството и политиката, а тоа зависи од интегритетот на личностите. Ако има вистински луѓе на вистински места тие ќе се борат против корупцијата, ако е како сега тогаш ќе купуваат време и ќе молчат додека цели нивни претставници во партијата, целиот партиски врв плива во корупција.

Им се обраќам директно, вие сте проблемот, вие сте корумпирани со лични интереси и обврски кон мафијашки и други структури. Тие ве донесоа на власт. Затоа имаме конкретна понуда и при одлуката нека не се водат за својот, туку за интересот на државата. Време е да се остават суетите и стравовите на страна и да се носат одлуки кои се најдобри за граѓаните на Македонија.

Да донесеме закон со кој вистински ќе се бориме против корупцијата и криминалот.

 

Треба да знаете
Последни објави