МојДДВ #МојаНаграда дава одлични резултати во првите месец и пол од реализацијата. Во јануари има скенирaно убедливо најмногу фискални сметки преку апликацијата МојДДВ, или над 15 милиони сметки, а наплатениот ДДВ во јануари од скенираните сметки е за над 70% повисок во однос на просекот од претходните пет месеци, додека има и 50 илјади нови корисници на апликацијата во декември и јануари, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска.
-МојДДВ #МојаНаграда е добар пример дека преку гемификацијата можат да се адресираат проблеми во економијата и општеството, како сивата економија. Граѓаните во улога на “контролори” учествуваат во борбата против затајувачите на данокот и воедно се крева свеста и важноста за борбата против сивата економија. Наплатата на ДДВ и бројот на скенирани сметки покажуваат дека наградната игра, како дополнување на успешната мерка МојДДВ, дава резултати. Имено граѓаните добија мотив да продолжат да скенираат сметки и откако ќе го надминат прагот за поврат на ДДВ, како и да ги земаат и скенираат и оние сметки кои имаат помала сума на ДДВ. Резултатите покажуваат дека тоа го постигнуваме.-рече министерката за финансии Ангеловска.
Во јануари има скенирано најмногу сметки од почетокот на мерката Мој ДДВ со над 15 милиони сметки или двојно повеќе во однос на првите пет месеци од реализација на мерката. Бројот на корисници кои активно ја користат апликацијата на месечно ниво изнесува 237 милиони. Од нив над 50 илјади се нови корисници во декември и јануари односно 24.000 во јануари и 27.000 во декември.
Износот на наплатен ДДВ од скенираните сметки во месец јануари изнесува рекорди 730 милиони денари, што е за над 70% повеќе споредено со просекот во првите 5 месеци кога изнесува 428 милиони. Целокупната наплатата на ДДВ во месец јануари е зголемена за 6.2% споредено со јануари минатата година.
-Граѓаните кои скенираат сметки имаат трикратна корист – добиваат поврат, добиваат награди и помагаат во борбата против сивата економија – со што во иднина и ќе добијат подобри јавни услуги – понови апарати и услови во болниците, подобри услови за школување во училиштата, подобра инфраструктура…односно помалку сива економија, подобри јавни услуги за сите.-вели Ангеловска.