Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во текот на обраќањето до Клубот на пратеници на неговата Партија на правдата и развојот (АКП) изјави дека никако не го прифаќа мировниот план за Блискиот исток, што неодамна го објави американскиот претседател Доналд Трамп.
-Ерусалим им припаѓа на трите небески религии, а таканаречениот план не го прифаќаат ни муслиманите, ни христијаните, ниту, пак, ортодоксните Евреи. Никогаш нема да го подржиме планот со кој не се задоволни нашите палестински браќа, рече Ердоган, пренесе агенцијата Анадолија.
Турскиот претседател кажа дека единствена цел на планот е „легитимирање на израелската политика на окупација, уништување и изнудување, што трае веќе седумдесет години”.
Американскиот претседател на 28 јануари го објави мировниот план за Блискиот Исток , со кој, меѓудругото, Ерусалим се третира како неделив главен град на Израел.
Трамп, во друштво на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, порача дека е тоа последната шанса за воспоставување независна палестинска држава, додека палестинската страна категорично го отфрли предложениот план напоменувајќи дека со него се занемаруваат правата на Палестинците.