Предлогот на Европската комисија за проширување на ЕУ претставува основа за потенцијална борба меѓу земјите членки на Унијата околу тоа дали Скопје и Тирана ќе добијат зелено светло за претпристапни преговори, а се отвора и прашањето како ќе влијае врз Србија и Црна Гора, кои порано ги започнаа преговорите, пишува британскиот весник Фајненшал тајмс (ФТ). Во текстот со наслов „Брисел им отвора пат на земјите членки да ги запрат преговорите за проширување на ЕУ”, пишува дека предлог планот, наведен во документот, е покренат од спорната одлука на Франција да ги спречи Северна Македонија и Албанија да отворат преговори за членство во ЕУ.
Како што се наведува, Владата на Северна Македонија се соочува со силен предизвик на изборите кои ќе се одржат во април од противниците евроскептици. Весникот додава дека правилата ќе се применуваат и на претходно започнатите пристапни преговори, со идеја да им се овозможи на Србија и на Црна Гора, кои се во процес на преговори од 2014, односно 2012 година, да бираат.
– Појасно ветување може да и се допадне на западнобалканската шесторка, која долго посакува да се придружи во ЕУ, но веројатно ќе бидат загрижени дека планот ќе ја зголеми можноста да им се забрани пристапувањето, наведува ФТ.
Во предлог планот на ЕК пишува дека отстапување или одложување на неопходните реформи на земјите кандидатки во преговорите за членство може да доведе до преговори или прекин на преговорите, односно до нивно повторно отворање или ресетирање на затворените поглавја.
Во документот, исто така, се бара подобар поттик за земјите кои успешно ги остваруваат плановите, како што е поголемо финансирање и инвестиции, како и поблиска интеграција со политиката, пазарите и програмите на ЕУ во областите во кои е постигнат напредок.
Франција предизвика незадоволство кај голем број членки на ЕУ во октомври минатата година кога ги блокираше пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија, образложувајќи дека двете држави немаат постигнато напредок во реформите за намалување на корупцијата и јакнење на владеењето на правото.