Класичен „фејк њус” се информациите дека Кирил Тодоровски ќе биде еден од советниците, затоа што тој нема работен статус ниту во Агенцијата за разузнавање, и јас не можам да го преземам. Се работи за медиумски спин. Мислам дека самата личност заради тоа ќе си покрене постапка пред надлежните органи, одговори министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на новинарско прашање во однос на информациите објавени од страма на некои медиуми дека советници Синиша Алексовски и Кирил Тодоровски, осомничен во случајот „Титаник”, ќе бидат дел од неговиот Кабинет.
– Никогаш не сум имал намера да го преземам Киро Тодоровски во МВР, нагласи министерот Чулев на денешната прес-конференција на Мисијата на ОБСЕ, Министерството за внатрешни работи и Советот за етика во медиумите за адресирање на говорот на омраза во медиумите за време на преизборниот период.
Чулев потврди дека за Синиша Алексовски е испратена спогодба за преземање до Агенцијатра за разузнавање, но, како што рече, за него ниту е поведена кривична постапка, ниту е обвинет во некој случај досега.
– Се друго е инсинуации во медиумите во однос на неговиот интегритет, Досега нема ниту обвинителен акт, ниту кривична пријава, ниту е осуден за какво било дело, рече министерот Наќе Чулев.