Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Адханон Гребрејесус денеска побара 675 милиони долари за да им помогне на земјите да се справат со очекуваното ширење на новиот вирус што се појави во Кина.
Тој призна дека сумата е голема, но додаде дека тоа е многу помалку од она со што би се соочиле, ако сега не се инвестира во подготвеност.
Гебрејесус информира дека во последните 24 часа, СЗО регистрирала најголем скок во нови заразени од почетокот на епидемијата.
Генералниот директор на СЗО, исто така, одговори на коментарите на Џон Мекензи, член на Одборот за итни случаи за коронавирусот на СЗО, дека првичниот одговор на Кина на епидемијата бил лош и оти не се известувало брзо за заболените.
Тој рече дека би очекувал повеќе случаи доколку Кина ги криеше.
– Мислам дека тоа сега не помага, рече Гебрејесус за шпекулациите за какви било грешки во раните фази на епидемијата.
– Ајде да направиме што можеме денес за да спречиме ширење на оваа епидемија низ целиот свет, рече тој.
СЗО соопшти дека на 11 и 12 февруари во Женева ќе се одржи состанок на експерти кои ќе ги постават приоритетите за истражување и развој на лекови за коронавирусот, дијагностиката и вакцините за борба против епидемијата.