Во детската градинка „Димче Мирчев”, во Велес, десет години по ред се реализира проектот за инклузија на децата Роми во предучилишните установи. Во моментов без партиципација за престој во оваа градинка, како што информира за МИА, в.д. директорката Ефтимија Карбева Лукарова, вклучени се 16 деца Роми, од вкупно 20 слободни места колку што има во постоечките шест градинки во Велес.
Критериум за користење на оваа мерка, како што појаснува Карбева Лукарова, е семејството на детето де е материјално необезбедено, со еден вработен со минимална плата.
-Со овој проект во изминатите десет години ние преку воспитно – образовниот процес и на овие деца од социјално послабо ситуирани семејства од Ромска националност им овозможуваме дружење и игра со нивните врсници и нивна воспитно – едукативна подготовка за во училиште”, потенцира Карбева Лукарова.
Проектот се реализира преку Министерството за труд и социјална политика во соработка со Општина Велес и ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев”.
Воедно, бесплатно во градинките во Велес, своите деца може да ги запишат и самохрани родители, а услов е да се приматели на гарантирана минимална помош – попозната како социјална помош.
Во ОЈУ „Димче Мирчев” како што информира Карбева Лукарова без парична партиципација моментално престојуваат три деца од самохрани семејства, а може да се запишат и други ако ги исполнуваат критериумите.
Во меѓувреме, во ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев” во шесте клонови моментално престојуваат максимален број од 1.339 деца.
Општинска јавна установа за згрижување и воспитување на најмалите „Димче Мирчев” веќе подолго време е соочена со недостиг на слободни места и затоа бара и очекува од надлежното Министерство, проширување на постоечките капацитети или изградба на нови градинки во Велес.