– Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, околу пладне ќе го презентира извештајот за ревидираната методологија за преговори пред новинарите и пред европратениците.
МИА дојде до нацрт-извештајот кој треба Европската Комисија да го усвои и објави денеска и со кој на земјите членки и на Европскиот Парламент им се нуди ревидирана методологија на преговарачкиот процес за проширување.
Европската Комисија инсистира на тоа дека не станува збор за промена на процесот, туку за негова ревизија со цел тој да стане подинамичен и поефикасен. Последната ревизија на овој процес датира од 2003-та.
Документот содржи четири столбови: кредибилитет, политичко управување, динамичност и предвидливост односно условеност.
Овој предлог треба да биде прифатен од земјите членки на ЕУ, најрано кон крајот на овој месец, а Европската Комисија на за две седмици ќе ги објави и извештаите за реформскиот напред во Северна Македонија и Албанија.
Доколку земјите членки се согласат со новата методологија и оценат дека реформите се исполнети тогаш има шанси за зелено светло за преговори на самитот во март во Брисел.
Останува да се види како ќе реагираат земјите членки, посебно Франција, Холандија и Данска, кои блокираа во октомври. Француската државна секретарка за европски прашања, Амели де Моншален во понеделник изрази увереност дека Комисијата ќе даде задоволителен предлог.