Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека од нас и од нашите капацитети со кои ќе влеземе во евентуален процес на преговори за членство во ЕУ ќе зависи дали со новата методологија ќе биде полесно, или потешко да влеземе во Унијата.
-Од нас самите ќе зависи дали тоа што ќе го испреговараме со отворањето на поглавјата, дали ќе се придржуваме или не. Јас сум убеден дека нашите институции имаат капацитет да го приведат тој процес успешно до самиот крај. Мислам дека како држава и општество треба да се фокусираме кога ќе отпочне тој процес на преговори тоа што ќе го преземеме како обврска да го имплеметираме, за да не ни се случи процесот на реверзибилност, рече Мицкоски во Топ тема на ТВ Телма.
Тој говореше и за донесувањето на законот за јавно обвинителство и за тоа дали е можен договор со власта. Генерално, вели Мицкоски, тој закон не е услов за да се отпочне процесот на приближување кон ЕУ.
-Мислам дека Владата треба да покаже зрелост и да се издигне во однос на ова прашање, да ги надмине личните фрустрации во делот на заштита на интересите што ги имаат за да се обезбедат во опозиција и да го прифати предлогот експертите кои се настручни и компетитивни да го изготват тоа решение, рече Мицкоски.
Мицкоски, во вечерашното гостување, на прашањето што ќе направат во врска со Преспанскиот договор, рече дека тој е реалност, но оти не треба да им се забрани на граѓаните да сонуваат за исправање на неправдата, која сметаат дека им е направена.
-Не е демократски и не е во духот на вредностите да им забраните на луѓето да се борат, да ја исправат неправдата којашто тие мислат дека им е ненесена, вели Мицкоски.
Тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ стотина пати го повторил истото, кажано е дека не треба да се дозволи ниту политичарите или било кој друг да ја игнорира реалноста, но тоа, како што рече, не значи дека треба да им забранува на граѓаните да се борат и со тоа да ја исправат таа неправда со договорот од Преспа