За прв пат во нашата земја на високо ниво се одбележа Неделата на интегритет и антикорупција 2020, во организација на Интернационалната стопанска комора, со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Настанот официјално го отворија Габриела Кулебанова, од АБЦ Коалицијата и Амбасадорот на Кралството Холандија Н.Е. Дирк Јан Коп.
Кулебанова истакна дека преку отворен дијалог на засегнатите страни експерти од приватниот и јавниот сектор,коморите, невладините организации и академијата, ќе придонесеме да обезбедиме одговор на секојдневните предизвици во борбата против корупцијата, да ги детектираме слабостите и преку позитивни практики по пример на земјите од ЕУ да понудиме квалитетни решенија за сузбивање на корупцијата која е навлезена во сите пори на нашето општество.
„ Интегритетот е врвен прироритет и главното оружје во борбата против корупцијата. Ниту една земја, без оглед на тоа колку е демократска, не е имуна на феноменот на корупцијата. Оваа социјална болест подеднакво ги напаѓа лицата од јавниот, деловниот сектор, граѓанските организации со што ги уништува националните економии, ја поткопува стабилноста на земјата и ја нагризува јавната доверба. Корупцијата ги намалува приходите од даноците, ги зголемува трошоците за јавни услуги и ја искривува распределбата на ресурсите во приватниот сектор. Корупцијата ја слабее државата и е на штета на сите граѓани. Борбата против корупцијата треба да биде приоритет број еден за градење на здрава демократија, која треба да се грижи за интересот и доброто на заедницата, а не на поединецот“, изјави Кулебанова и додаде дека интегритетот е тој кој нема да дозволи корупцијата да цвета, како би можеле да ги видиме резултатите од борбата со корупцијата што поскоро.
Кралството Холандија ги поддржува националните настани на глобално ниво за Неделата на интегритет и антикорупција. Неделата на интегритет е иницијатива на Интернационалната стопанска комора, Холандија, кои се пионери во борбата против корупцијата, издавајќи ја својата прва верзија на Правилата за однесување за борба против изнуда и мито во 1977 година. Амбасадорот Јан Коп истакна дека отсуство на корупција, независно судство и интегритет се израз на владеење на правото кое е основа на инвестициска активност, зголемување на трговијата и креирање деловни партнерства.
На панел дискусијата посветена на Неделата на интегритет, Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски истакна дека еден од главните предизвици во администрацијата и бизнисите во секоја земја е борбата со корупцијата, во таа насока дигитализацијата треба значително да влијае на намалување на можностите за корупција во администрацијата.
„Главен механизам за борба со корупција е дигитализaцијата бидејќи се што има допир со човек лесно се корумпирани. Затоа и одиме кон дигитализација и автоматизација на процесите. Втор главен механизам е транспарентноста. Во услови кога немаме ефикасен судски систем, отворените финансии даваат ефект во борба со корупција. Дигитализацијата и транспсрентностa се начини за брзо намалување на корупцијата, а менувањето на менталниот склоп на луѓето е она на што треба да се работи. Нема да биде преку ноќ, нема да го реши една влада, но тоа е тоа што мора да се направи.”, изјави Манчевски.
Билјана Ивановска, Претседател на Државна комисија за спречување на корупција зборуваше за Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2020-2024 година која е во собраниска процедура.
На панел сесијата говорници беа и Неби Хоџа, претседател на СКСЗМ кој истакна дека интегритетот е основа за водење бизнис, бидејќи тоа значи стекнување на доверба без која бизнисот на долг рок би бил неодржлив. Кристијан Зумровски, Претседател на Факултетско студентско собрание на Правен факултет Јустинијан Први – Скопје рече дека младите се иднината на секое општество, но она што недостасува е поголема доверба во системот, економската стабилност и економските перспективи кои ќе ја задржат младата интелегенција овде.
Одбележувањето на неделата на интегритетот е само почеток на здружување на јавните и приватните институции, академици и невладини организации во подигнување на свеста за важноста на етичкото однесување. Неделата на интегритет треба да придонесе во дебатата за тоа што значи етичко однесување во пракса, за организациите и за поединците.