Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров утре ќе престојуваат во посета на Република Хрватска, која во првата половина од оваа година претседава со Советот на Европската Унија.
Во рамки на посетата предвидени се средби со претседателот на Владата Андреј Пленковиќ, министерот за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, претседателот на Комисијата за надворешна политика на Саборот на Република Хрватска Миро Ковач и претседателот на Комисијата за европски прашања Домагој Иван Милошевиќ.
„Посетата се реализира во период на засилен ангажман во пресрет на дискусиите помеѓу земјите членки на ЕУ за ажурираната методологија за водење на пристапните преговори и одлуката за нивен почеток. Османи и Димитров ќе ги искористат средбите за да ја изразат силната посветеност на нашата земја кон европските реформи и потребата од донесување позитивна одлука за почеток на пристапните преговори што поскоро“, соопштија од кабинетот на Османи.