Во овој многу тежок момент за Кина, би сакал да знаете дека грчкиот народ целосно сочувствува со пријателскиот кинески народ, пишува во писмото од претседателот на Грција Прокопис Павлопулос испратено до неговиот колега од Кина, претседателот Си Џинпинг, јави дописничката на МИА од Атина.
– Сите се надеваме дека новиот коронавирус наскоро ќе биде ставен под контрола, благодарение на одлучувачките мерки на кинеските власти, кои вложија огромни напори за таа цел, за да се заштитат не само кинеските граѓани, туку и целиот свет од ширењето на болеста. Нашите мисли се со семејствата на жртвите од епидемијата и пациентите кои страдаат од вирусот, на кои лично јас, како и во име на сите Грци, би сакал да им посакам брзо закрепнување, пишува во писмото од грчкиот до кинескиот претседател, како што соопштија од кабинетот на Павлопулос.