Министерот за образование и наука Арбер Адеми денесКа им ги додели дипломите на учениците победници на натпреварот „Лидер 2019“, со што тие официјално беа прогласени за лидери помеѓу врсниците во својата струка.
На натпреварот кој се организира веќе шеста година по ред помеѓу ученици од завршните години во средните стручни училишта, натпреварувачите го презентираат своето теоретско и практично знаење од струката која ја изучуваат и тоа најпрво на ниво на училиште, а потоа и на државно ниво.
Оваа година се прогласени средношколски лидери во 9 струки, во колку што и се пријавија ученици за натпреварување. Покрај дипломата, секој ученик – лидер на струка, како и наставникот кој го подготвувал за натпреварот ќе добие и парична награда од страна на Министерството за образование и наука во висина од 10.000 денари.
„Им честитам на сите победници на натпреварот и им посакувам уште многу успеси и понатаму во текот на образованието, а и потоа, што е уште поважно. Тоа што го научиле, а научиле многу, со оглед на освоените први места, посакувам да им донесе стабилен и високо платен работен ангажман во иднина“, рече Адеми, изразувајќи благодарност и до сите останати ученици кои пројавија интерес за учество во натпреварот, додавајќи дека натпреварувачкиот дух е многу важен за полесенo чекорење на патот кон успехот.
Адеми потенцираше дека ќе се заложи натпреварот и во иднина да се организира на највисоко ниво и со учество на што поголем број ученици, а исто така најави и продолжување на планот за континуирано унапредување на квалитетот на стручното образование и обука, за кое, како што рече, нуди голем просперитет за секој кој ќе одлучи за се образува во некоја струка со оглед на дефицитарноста.
“Реализацијата на многу успешни мерки, проекти и активности од планот за развој, промоција и зголемување на атрактивноста на стручното образование, како подготовката на повеќе од 1000 нови наставни програми, опремувањето на училиштата и воведувањето на концептот на дуално образование, ми даваат мотив да продолжиме со идејата за создавање современ и конкурентен образовен систем во кој стручното образование ќе биде основен столб и креатор на кадровски потенцијал кој ќе ја гради иднината на земјата“ рече Адеми.
Оваа година во рамки на натпреварот „Лидер“ првите места ги освоија Бранкица Несторовска од СОУ Добри Даскалов“ од Кавадарци во економско – правна и трговска струка, Марија Гуџевска од ОСУ „Ацо Русковски“ – Берово во текстилно – кожарска струка, Ангел Насев од битолското средно училиште „Ѓорѓи Наумов“ во електротехничката струка, Марко Лазаревиќ од „Димитрија Чуповски“ – Велес во хемиско – технолошката струка, Ријад Бавќари од АСУЦ „Боро Петрушевски“ – Скопје во машинската струка, Дарко Наумовски од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид во сообраќајната струка, Ангел Атанасов од струмичкото средно училиште „Никола Карев“ во градежно – геодетската струка, Дарко Јованов од СОУ „Кочо Рацин“ во Св.Николе во земјоделско – ветеринарната струка и Стефан Аврамоски од „Ванчо Питошески“ во Охрид во угостителско – туристичката струка.