Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески денеска престојува во работна посета на општините Карбинци и Зрновци, каде оствари средба со градоначалниците Јордан Насев и Блаже Станков и направија увид во проектите поддржани од Министерството за локална самоуправа, преку Програмата за рамномерен регионален развој во изминатата година, во општина Карбинци – Уредување-изградба на мал плоштад во село Радање и изградба на дел од локален пат село Радање – село Оџајлија, а во општина Зрновци изградбата на Етно Парк.
Павлески, како што стои во соопштението, појасни дека во 2018 и 2019 година Министерството за локална самоуправа, преку Програмата за рамномерен регионален развој поддржа 23 проекти од Источниот плански регион, при што од буџетот на државата се издвоени 1.350.000 евра, а тенденција е средствата во наредната 2020 година да се зголемуваат.
-Остануваме фокусирани и посветено работиме на поттикнување на рамномерниот регионален развој преку намалување на разликите помеѓу планските региони и поддршка на реални проекти кои имаат директен импакт врз развојот на општините и регионите. На тој начин, обезбедуваме подобри услови и поквалитетен живот на граѓаните, истакна Павлески.