Хрватска амбасадорка во ЕУ, Ирена Андраси ѝ честиташе на Велика Британија за излезот од тој блок со зборовите: „Благодарам, довидување и добро е што се ослободивме од вас,“ пренесува „Вечерњи лист“ цитирајќи го лондонски „Фајненшел тајмс“.
Андраси на последниот состанок во Советот на ЕУ пред брегзит на крајот од минатата недела на англиски јазик рекла: “Thank you, goodbye and good riddance”, при што, како што толкува лондонскиот весник, веројатно ги помешала двата изрази и направила лапсус.
Изразот “good riddance” на англиски значи дека е добро што некој се ослободил од некого, “good luck” значи „со среќа“, па хрватската амбасадорка или не го знаела тоа или ѝ се случил лапсус, наведува „Фајненешл тајмс“.
Британскиот амбасадор Тим Бароу сепак не се навредил, па го сфатил тоа како лапсус кој е добродушен и смешен.
„Се помина во најдобар ред, тоа беше грешка”, изјави дипломатски извор за „Вечерњи лист“. На случајот како на шега се осврна и Андраси, која на Твитер напиша: „Уште една работа што ја делиме со нашите британски пријатели – добрата смисла за хумор”.