По состанокот со менаџментот и обиколката на производствениот погон на компанијата, во изјава за медиумите вицепремиерката Царовска потенцираше дека Владата на Република Северна Македонија спроведува одговорни економски политики кои се насочени кон подобрување на стандардот на работниците, како и кон развојот и растот на деловните субјекти.
„Тоа значи дека инвестираме и во работниците и во работодавачите. Од една страна е Законот за финансиска поддршка на компаниите, кој е дел од Планот за економски раст, преку кој во стопанството, само во 2019 година од буџетот се инвестирани повеќе од 50 милиони евра, од друга страна се сите други мерки кои се насочени кон вработените. Гледаме дека минималната плата достигна ниво од 14.500 денари или за 2 и пол години тоа е 60% повеќе. Дополнително, само со онаа последна мерка за субвенционирање на придонесите за раст на платите, добивме покачување на платите кај 106.000 работници, додека статистиките покажуваат дека во реалниот сектор повеќе од 304.000 работници добиваат плата над 18.500, што е показател дека платите во државата постојано растат. Сметам дека она коешто сега се покажува како една динамика во економијата ни дава одлична основа да размислуваме дека и во наредната година она што значеше раст на БДП ќе го достигне нивото како и во 2019 година. Може да се види дека во 2017 година во вториот квартал имаме БДП од -1,8%, од кога се случува пресврт, за да денеска после 2 и пол години имаме раст од БДП од над 3,5% кој има постојана тенденција на раст”, нагласи вицепремиерката Царовска.
Министерката за странски инвестиција Зорица Апостолска посочи дека компанијата „Раде Кончар контрактори и релеи”, е успешен пример на домашна компанија, којашто ги користи владините мерки за технолошки развој и зголемена продуктивност и конкурентност на компанијата.
„Владините економски политики се со цел да го поддржат технолошкиот развој на компаниите, со што ќе се јакне продуктивноста на сите домашни компании, потоа да се зајакне и освојувањето на новите пазари преку зголемен извоз. Заеднички показател за повисоката продуктивност и развојот на сите компании е растот на индустриското производство, кој во 2019 година порасна за 3,7%, споредено со 2018 година и секако ова се влијае врз подобар животен стандард на граѓаните. Во изминатите две години, како резултат на овие економски политики, преку Законот за финансиска поддршка се поддржани повеќе од 200 компании што покажува дека силно се поддржуваат компаниите во нашата земја”, потенцираше министерката Апостолска.
Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ се осврна на политиките за зголемувањето на вработеноста на младите лица, кои се иднина на нашата држава.
„Една од главните политики и на МТСП во изминатиот период беше и ќе биде креирање на мерки коишто ќе придонесат за зголемување на вработеноста на младите луѓе во нашата држава. Во таа насока е и последното законско решение за младински додаток. Драго ми е што слушнавме и од претставниците на „Раде Кончар” дека таа мерка е потребна и дека ќе може да ја искористат и дел од вработените во нивната фирма. Тоа значи дека на секое младо лице до 23 години коешто е вработено во производствена дејност ќе му следува месечен надоместок 3000 денари директно на младото лице. Законското решение е усвоено, очекуваме во текот на наредната недела и подзаконските акти и правилниците да бидат донесени и веднаш тука може да стартува алоцирањето” потенцираше Шкријељ.
Управителката на Раде Кончар контрактори и релеи, Ана Киријас ги пофали економските политики на Владата и додаде дека ветувањето за поддршка на домашните компании е исполнето и многу значајно за развојот на истите.
„Апсорбирајќи ги средствата што ги добиваме од буџетот на државата планираме во наредните години да ги зголемиме инвестициите. Инвестициите се многу важни за одржување на темпото на раст и конкурентноста на нашата фирма надвор бидејќи ние извозно сме конкурентни со фирми коишто се доста долги години присутни на меѓународните пазари”, кажа Киријас.