Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, заедно со министерот за животна средина Насер Нуредини и директорот на „Дрисла“, Коста Начевски, денеска на новинарите им ги отвори вратите на депонијата. При посетата на „Дрисла“ градоначалникот Шилегов информираше дека во тек е внатрешна ревизија на ЈП, а ревизорите се соочуваат со чудни работи.
– Луѓе коишто живеат во Австралија се воделе како вработени во „Дрисла“ и редовно добивале плата. Сега работиме да ја оспособиме машинеријата, за а не изнајмуваме машини, нешто што било практика во минатото. Во соработка со новиот директор, Коста Начевски во преговори сме за набавка на нов стабилизатор, моите очекувања се дека тој би можел да биде пуштен во употреба во март годинава. Сакаме да најдеме начин и гасовите од депонијата да ги претвориме во електрична енергија. Мојата идеја е заедно со министерот, со инвестиции во овој дел и со пречистителната станица за отпадни води, „Дрисла“ да стане првата санитарна депонија во нашиот град – рече Шилегов и вети дека додека тој е градоначалник на Скопје ова ЈП ќе работи според законските прописи.