Целта на планирањето во енергетиката е да се обезбеди електрична енергија со прифатлива цена за граѓаните и чие производство нема да биде штетнo за животната средина. Сите политики на Владата во овој сектор одат кон тоа да се постигне енергетска ефикасност, конкурентност на пазарот, заштита на здравјето, конекции во регионот и најважното за граѓаните- пониски сметки за струја. Ова се дел од размислите на професорката од Електротехничкиот факултет во Скопје, Весна Борозан.
Таа зборуваше на трибината на СДСМ во Битола, како дел од Агендата 20-24, посветена на енергетиката.
„Доцневме во сите сегменти на енергетскиот сектор, но во изминатите две години навистина се интензивираше темпото на реформи и планирање. Имаме резултати кои потврдуваат дека одиме напред, а тоа го потврдија и официјалните податоци на Енергетската заедница за процентот на остварување на зацртаните цели. Во 2019-та имавме 59 проценти успешност и ние бевме прогласени, од директорот на Енергетската заедница, за вкупни шампиони во однос на успешноста во остварување на целите. Да сумирам, ако се продолжи со имплементација на ЕУ законодавството тогаш сме на добар пат”- анализираше професорката Борозан.
Таа направи споредба на однесувањето на владите кон енергетиката и заклучи дека изминатите две години биле клучни во напредокот на државата во остварувањето на целите.
„Постои иницијатива на некои земји од ЕУ, а Германија го поддржува развојот за воспоставување единствен пазар за енергетика во регионот на југоисточна Европа, преку заштитни мерки за околината и подобрување на квалитетот на енергетските системи. Овие проекти кои ни се нудат, не се само за исполнување на некои директиви на ЕУ, туку преку нив имаме огромни финансиски средства и стручна помош. До пред неколку години владата не сакаше да ги користи овие фондови, но за среќа сега тоа се надмина. Затоа за овие две и пол години имаме значителен напредок во Енергетската заедница”- ги пренесе Борозан оценките на ЕУ за Македонија.
Линк до видео: https://youtu.be/TR_eV29mQAY