Лондонската полиција спроведува истрага поради сомнежи дека телохранител на поранешниот британски премиер Дејвид Камерон го оставил својот пиштол во тоалет на авион.
Оружјето било пронајдено во авион што летал од Њујорк кон Лондон и било предадено на екипажот на авионот, пренесува „Дејли меjл“.
„Сан“ пишува дека пронајдени се и пасоши кои им припаѓаат на Камерон и на неговиот телохранител, пренесува АП.
Од полицијата велат дека се запознаени со настанот, кој се случил во понеделникот и дека телохранителот, инаку полицаец, веќе е разрешен од должноста.
„Ја сфаќаме оваа работа многу сериозно и поведена е внатрешна истрага“, се нагласува во полициското соопштение.
Камерон, како поранешен премиер, има право на обезбедување од редовите на специјалната полициска единица.