Две лица загинаа во невреме во централна и јужна Европа

Најмалку две лица загинаа во денешното невреме со силен ветер, дожд и снег што ја зафати централна и источна Европа. Во Словачка едно дете загина, а друго е тешко повредено кога ветер урнал куќарка на автобуската станица, соопшти локалната полиција.

Во близина на Прага загинал возач откако врз неговиот автомобил паднало дрво, а чешките власти соопштија дека снегот предизвикал големи проблеми во сообраќајот.

Во северниот дел на земјата се превртел автобус со 12 патници, при што се повредени три лица.

Околу 16.500 домаќинства останале без електрична енергија.

Во Босна и Херцеговина, неколку камиони се превртеа поради обилниот снег што предизвика застој на сообраќајот на разни патишта.

Ски-центрите околу Сараево се затворени поради силниот ветер кој ја оневозможува работата на ски-лифтовите и жичарите.

Во Хрватска, поради ветровите кои достигнаа 185 километри на час, беше прекината пловидбата на траектите меѓу јадранските острови и копното.

Силен ветер уриваше дрва и во Загреб и оштети неколку згради, а прекинат е и сообраќајот за камиони меѓу крајбрежна и континентална Хрватска.

Треба да знаете
Последни објави