Тука сме за во прво лице да дознаеме што е она што Стопанската комора на Македонија го очекува од идната влада, што во моментов им претставува реален проблем во работењето и со кои предизвици се соочуваат и да им укажеме што ние можеме како идна влада да понудиме во насока да ги решиме проблемите, а што е тоа што не можеме брзо да го промениме и за што ќе ни треба подолго време, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата во Стопанската комора на Македонија на која беше заедно со економскиот тим на партијата.
-Не можеме се и сешто да ветуваме и да ветиме дека ќе ги решиме сите проблеми во рамките на еден четиригодишен мандат, но ветуваме дека ќе работиме чесно, отчетно, одговорно, макотрпно и ќе бидеме вистински партнер на бизнисот во државата. Доколку имаме здрав реален сектор ќе имаме повеќе пари во буџетот, а со повеќе пари во буџетот ќе можеме да инвестираме во здравство, образованието, инфраструктурата,…, а со тоа да интервенираме во насока на подобрување на животот на нашите сограѓани за да не ни се случува масовна миграција од државата како што денеска ни се случува, изјави Мицкоски по средбата.
Тој посочи дека имале корисна и успешна средба на која како еден од клучните предизвици во годините што следат било посочено образованието да произведува кадри кои се потребни на стопанството.
-Мислам дека извлековме многу поуки од средбата на која зборувавме и за дигитализацијата во насока на отчетност, не онака како што тоа го прави нашиот политички опоненет, туку во вистинска смисла на зборот. Стана збор и за политиките кои досега ги предвиде ВМРО-ДПМНЕ, а се дел од програмата „Обнова на Македонија” во која свое место ќе најдат и дел од насоките и сугестиите кои денеска ги добивме. Програмата ќе биде детална со рокови и буџети и мислам дека ќе предизвика сериоазно внимание во јавноста, рече Мицкоски.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески потенцира дека за бизнисот е најбитна предвидливоста во делот на промената на законските и царинските регулативи и во делот на даночната политика и додаде дека како Комора имаат многу искуство со ветувањата, но нагласи дека е битна имплементацијата на ветеното.
-Добро е што главните политички конкурентни во рана фаза доаѓаат во стопанските комори во кои конципираат мислења на бизнисмените за создавање на нивните програми што ќе овозможи во нив да бидат внесени вистинските прашања што ги засегаат бизнисмените. За нас е значајно да продолжи континуираниот дијалог со бизнис заедницата, значајните закони да не се носат по скратена постапка, како и да се отвараат можности и перспективи образованието да продуцира кадри кои се потребни на стопанството, рече Азески.
Треба да создадеме, додаде, претпоставки за функционирање на државата кои, како што кажа, ќе овозможат владеење на правото и заштита на секој поединец и на капиталот за да се овозможат перспективи за задржување на европските вредности и норми и на евроинтеграциските процеси.
-Имавме конструктивен дијалог со интересни предлози и дискусии. Се наоѓаме на исти позиции, прашањето е само на имплементацијата. Имаме доллго искуство на вакви средби во кои се дговараме, а проблемот следи во имплементацијата. Сакаме да добиеме гаранција дека се ќе биде реализирано во разумен рок и на тој начин да придонесеме за развој на државата, рече Азески.