Законот за јавно обвинителство сè уште без консензус на политичките партии, заглавен меѓу политиката и правдата. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат нов закон за ЈО изготвен од професори и експерти кој, како што рече лидерот на партијата Христијан Мицкоски, безрезервно ќе го поддржат. Но, нивниот предлог не наиде на поддршка во Министерството за правда бидејќи го оценуват како несериозен и затоа ја повикаа опозициската партија да поднесе амандмани за законот.
– Законот е сè уште на маса и доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да учествува во процесот, ги повикуваме да подготват амандмани на овој текст – сè останато е алиби за недонесување на законот и избегнување на правдата, велат од Министерството за правда во врска со изјава на Мицкоски за законот.
Од Министерството за правда потсетуваат дека законот за јавно обвинителство се изготвуваше долг временски период од работна група во која учествуваа домашни експерти, научната јавност, јавни обвинители, но исто така и странски експерти и дури странски јавни обвинители, кои даваат сугестии и мислења за одредени прашања поврзани со законот.
Мицкоски предложи да се формира експертски тим во кој би биле вклучени професорите по уставно и казнено право Владо Камбовски, Гордана Силјановска, Никола Тупанчевски, Гордан Калајџиев, Тања Каракамишева и Гордана Лажетиќ.
Законот што го предлага власта, според ВМРО-ДПМНЕ, е едностран и спротивен со експертските мислења, Уставот и кривичната материја, а негова единствена цел е Зоран Заев и актуелната власт да избегнат одговорност за, како што рече Мицкоски, сторените криминали.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски и лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, повикаа на консензус на политичките партии за законот.
Спасовски смета дека со тоа на дело ќе се покаже дека сите се за исполнување на стратегиските цели – ЕУ и НАТО.
– Иако сите знаеме дека законот за јавно обвинителство не е услов за почнување на преговорите, меѓутоа би било една добра позитивна препорака или позитивен пример како напредуваат работите во однос на реформите во Република Северна Македонија. Тогаш сите политички субјекти тоа треба да го имаат на ум. Најважно е интересите на државата да преовладаат над личните, партиските, бизнис или некакви други интереси. Потребен е минимум национален консензус во делот на остварување на нашите аспирации за членството во НАТО и ЕУ, изјави Спасовски.
Според Заев, законот за јавно обвинителство треба да се донесе според договорената меѓупартиска собраниска агенда пред распуштањето на Парламентот на 12 февруари. Ако тоа не се случи, Заев рече дека е можно одлагање на распуштањето на Собранието и пролонгирање на изборите.
Претставниците на пратеничките групи, како што информираа од Министерството за правда, и вчера одржаа билатерални средби, на кои биле разгледани нивните амандмани за законот за јавно обвинителство, со цел да се обезбеди консензус и двотретинско мнозинство.
Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов на прес-конференција рече дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не сакаат правда, бегаат и не сакаат одговорност, затоа прават сè предметите и истрагите на СЈО што се водат против функционери на опозициската партија да бидат уништени.
– Законот за јавно обвинителство овозможува сите предмети на СЈО, но и сите останати случаи, да имаат професионална и објективна завршница, затоа што само така ќе ја вратиме довербата на граѓаните во правосудниот систем, кој всушност треба да биде независен, рече Костадинов.
Законот за јавно обвинителство бил тема и на средбата на осумтемина независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ со амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнс.
– Одржав продуктивна средба со групата независни пратеници денеска, за важноста од поддршката на континуираните реформи, вклучувајќи го и законот за јавното обвинителство, кој ги унапредува целите за владеење на правото, транспарентност, одговорност и добро владеење, напиша на својот твитер-профил Брнс.