Екипата на актуелниот европски ракометен првак во машка конкуренција Вардар доживеа тежок пораз на гостувањето кај Кил со 34-23 (18-14). Ова е вторпат сезонава во групната фаза германскиот бундеслигаш да им одржи лекција на „црвено-црните“ откако истото го направи и во Скопје.
Во првиот натпревар во Лигата на шампионите во 2020 година, „црвено-црните” ја продолжија низата на порази кој сега изнесува четири неуспеси во елитното натпреварување, по што остануваат на шестата позиција во групата „Б” со 9 бода.
Освен во првите неколку минути, кога играта беше изедначена, германскиот тим ја имаше иницијативата, го контролираше резултатот и заслужено оствари висока победа.
Иако во второто полувреме избраниците на Стевче Алушовски успеаја да намалат на -2 (18-16) техничките грешки и голманот на домаќините Ландин доведе до тоа популарните „зебри” да поведат со високи 27:19, по што враќање назад немаше.
За нашиот тим Криштопанс погоди шест пати, додека Стоилов постигна 5. Кај победникот Екберг реализира осум гола, додека голманот Ландин запиша 15 одбрани.
Во следното коло, кое на програмата е на 15 февруари, македонскиот тим ќе биде домаќин на Мотор Запорожје.