По Русинот Тимур Дибиров, кој пред неколку месеци проговори за финансиските проблеми во „Вардар“ и најдобриот ракометар на европскиот шампион, Даинис Криштопанс изјави дека платите доцнат.
Летонецот за летонскиот „tvnet.lv“ рече дека финансиските проблеми што започнаа минаата сезона продолжија и оваа.
-Некои ракометари си заминаа, новата постава не е толку успешна. Долгот се акумулира. „Вардар“ должи на сите ракометари, на некои повеќе на некои помалку. Во принцип долгот е огромен. Проблемите се решаваат но тоа оди бавно. Сѐ во клубот се движи бавно, вели Криштопанс.
Сепак,тој се уште зборува добро за својот клуб.
-На хартија ние бевме аутсајдери на Ф4-турнирот во Келн. Но, не секогаш тоа што е напишано на хартија е точно. Изгинавме на теренот и заслужено победивме. Триумфот во ЛШ е награда за сиот труд вложен досега во мојата кариера. Згора на тоа, никогаш нема да го заборавам враќањето во Скопје, кога бевме пречекани како национални херои, дополни десниот бек на црвено-црните.
Криштопанс ја игра последната сезона во дресот на Вардар, со оглед што веќе потпиша тригодишен договор со францускиот гигант ПСЖ.