Новата претседателка на косовското Собрание Вјоса Османи, по денешната средба со германскиот амбасадор во земјата Кристијан Хелд, изјави дека новите косовски власти ќе ја укинат таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина и истата ќе ја заменат со целосен реципроцитет со тие држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
Одговарајќи на новинарско прашање по средбата со Хелд, Османи рече дека услов за укинување на таксата што ја воведе претходната влада на Рамуш Харадинај е Белград да престане со агресивната кампања за повлекување на признавањата на Косово.
– Како што ви е познато, заедничката програма на владината коалиција беше претставена од страна на премиерот на Косово во Собранието на Република Косово на 3 февруари и таму јасно се даде до знаење дека, како што кажавме пред граѓаните, ние веруваме дека таксата треба да се замени со целосен реципроцитет во односите со Србија. Односите меѓу Косово и Србија треба да се засноваат на тој принцип, кој го спроведува секоја демократска држава, изјави Османи.
Таа изази уверување дека Германија ќе го поддржува Косово во неговиот пат на евроинтеграции, додека амбасадорот Хелт порача дека неговата земја ќе биде покрај Косово и во новите, бројни предизвици кои ја очекуваат земјата.